Историјат

Почетокот на Факултетот за Драмски Уметности го бележиме со основањето на Одделот за драмски актери при високата музичка школа во Скопје, 1969 година. На тој начин се овозможи образование на актерски кадри за театарската, филмската и телевизиската продукција. Развојот на Одделот за драмски актери, како и афирмацијата на првите завршени студенти, придонесе и за осамостојување на овој оддел во Факултет за Драмски Уметности, во 1979 година. На него се уште се школуваа само актери, но веќе се зацртуваа плановите за развој и на други оддели. По обемни подготовки, во 1986 година, е формиран Оддел за драматургија со режија. Три години подоцна, во 1989 година, е формиран Оддел за продукција. 1990 година, од одделот за за драматургија се одвоил одделот за режија. Во 1992 се отворени уште два оддела и тоа: Оддел за филмско и ТВ снимање и Оддел за филмска и ТВ монтажа. А во 1994 година Одделот за режија се раздвоил во Оддел за филмска и ТВ режија и Оддел за театарска режија. Со воведувањето на ЕКТС 2005 година, одделите се преименувани во Студиски програми. На сите студиски програми, освен на студиската програма за драмски актери, студенти се примаат секоја четврта година. Во 1999 година се отворени и постдипломски студии по Театрологија, а во 2010 година се отворени постдипломски студии на сите оддели.

Придонесот на Факултетот за Драмски Уметности во културата и творештвото во Македонија е несомнено забележан повеќекратно. Генерациите на актери, драматурзи, режисери, сниматели, монтажери и продуценти школувани во него, во овој миг се движечка сила на театарското, филмското и телевизиското творештво. Тој успех беше истакнуван и наградуван на многу интернационални и домашни фестивали. Наставничкот и соработничкиот кадар на факултетот е составен од редот на најпознатите творци во областите кои ги предаваат, како режисери, актери, драмски автори, познавачи на сценскиот говор и сценските движења и танци, мајстори на камерата и монтажата, театролози и историчари на книжевноста и продуценти. Најголем број од нив се добитници на многу познати награди - за животно дело, за одделни остварувања, за посебни придонеси во творештвото. Развојот на Факултетот беше можен колку од придонесот на вработените во него, од нивниот ентузијазам и согледувањето за неговото комплетирање - толку и многу повеќе од подршката што тој ја имаше од општествената заедница, од театрите, филмот, телевизијата, културните домови, од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и од државните органи, задолжени за образованието и културата. Така и можеа да се совладаат бројните тешкотии што обемната, сé поширока и сé поразновидна настава ги поставуваше пред вработените на ФДУ. Така тој можеше да се прошири, да биде релативно добро опремен, да набавува нови технички средства, да ја збогатува својата библиотека со стручна литература и филмови нужни за образованието на студентите. Присуството на Факултетот е забележително и во културно - уметничките движења и активности во Република Македонија. Не само што наставниците и студентите учествуваат во остварување на многу проекти, туку и продукцијата која се создава во рамките на наставата предизвикува многу голем интерес во јавноста. Оттаму и честото учество на ФДУ, со одделни класи, на фестивалите како што се „Охридско лето“, „Војдан Чернодрински“, ФААТ, „Браќа Манаки“, како и на многу други меѓународни, од каде се враќаат со бројни награди и признанија.

Врските на ФДУ со сродните факултети се исто така, релативно добро развиени, особено со оние од балканските земји. За тоа многу голем придонес има фестивалот Скомрахи. Идејата за интернационален студентски фестивал почна да се остварува со многу значаен успех, особено имајќи ги предвид околностите во кои се одржуваше овој фестивал: војна во блиските простори и дома, развивање на национализам и аутархизам во одделни средини, недоразбирања поттикнати од страсти, болки и страдања. Во рамките на факултетот работи Секретаријат, со сите служби нужни за вршење на дејноста. Студиото на ФДУ е задолжено за продукциската работа, дистрибуцијата и архивирањето на проектите од наставната продукција. Библиотеката располага со книжен фонд од 4200 книги, филмотека од 4500 филмови на 16 мм, видеотека со 1200 видео касети и 200 DVD. ФДУ располага со една голема сала со сцена, како и четири помали сценско-студиски простори за практична настава и увежбување на задачите. Големата сала е опремена и за прожектирање на филмови со разни формати.

Заклучно со 26.11.2010 година на оваа институција дипломирале 471 студент.