Постдипломски студии - Театрологија


Подетални информации и студиската програма за вториот циклус студии по Театрологија можете да најдете во овој pdf документ.




Институт за театрологија при ФДУ


Инициран од несомнена потреба да се евидентира / систематизира, но – најважно! – да се дигитализира севкупната примарна театролошка граѓа што може да се прибере во Македонија, Институтот за театрологија природно се разви имено при специјализираната високообразовна институција каква што е Факултет за драмски уметности.

Во текот на првите години (1997-1998), истражувачките театролошки проекти ги следеа, главно, потребите за осовременување и подобрување на наставниот процес по теориските и историски предмети, кои се предаваат на ФДУ. Постапно, со вклучување во истражувањата на сè поголем број заинтересирани млади соработници, но и со голема и систематска поддршка од страна на Министерството за култура (коешто, од 1999 година, започнува да ја финансира оваа дејност, овозможувајќи го – пред сè – набавување на софистицирана компјутерска опрема, како и континуиран ангажман на квалификуван кадар), Институот започнува систематски да го развива својот основен макро-проект наречен МАКЕДОНСКА ТЕАТРОЛОШКА ДАТА-БАЗА. Номинално, Институтот постои и функционира токму од 1999 година.

Резултатите од овој капитален проект, чијашто реализација продолжува, постојано се вградуваат во други научни проекти на Институтот. Едновремено, тие резултати секојдневно им се достапни на голем број заинтересирани корисници (студенти, постдипломанти и докторанти; научници-истражувачи од разни области; театарски критичари и/или новинари од културните редакции од сите македонски медиуми и т.н.).

При крајот на 2003 Институтот започна систематски да ги дигитализира видео-снимките од театарските претстави на сите македонски театри. Засега, овој фонд собира околу 150 поединечни наслови.

Во архивата на Институтот, во над 150 архивски кутии, веќе се чуваат десетина лични збирки/фондови на македонските театарски творци, дигитализирани според важечките научни стандарди.

Институтот поседува и голем број артефакти – собрани, главно, преку донации – коишто би требало да имаат третман на музејски експонати.

Проектот на Институтот, дигиталната ениклопедија Театарот на македонската почва, ја доби највисоката македонска награда за научни постигнувања „Гоце Делчев“ (2003).


Научно истражувачки тим на Институтот:


Главен истражувач:

проф.д-р Јелена Лужина (1950), театролог, професор на ФДУ по предметите Македонска драма и театар, односно Теорија и методологија на театролошките истражувања; автор на дваесетина книги (монографии, зборници, хрестоматии, студии) и на библиографија од околу 400 единици (студии и есеи), објавувани во текот на триесет години научна работа.


Истражувач координатор:

Д-р Ана Стојаноска (1977), театролог, вонреден професор по предметот Македонска драма и театар на ФДУ. Дипломирала на Филолошки факултет во Скопје, на отсекот за општа и компаративна книжевност (2001). Постдипломските студии по театрологија, ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2006). Автор на книгата Македонски постмодерен театар (ФДУ, 2006). Приредувач на книгите Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии.


Специјалист по информатика:

Андреј Тимофејев (1972)

Во научно истражувачкиот тим вклучен од 2001 година. Комплетно го дигитализира, компјутерски го обработи материјалот и технички го раководеше проектот ЦД-РОМ енциклопедијата ТЕАТАРОТ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЧВА. Референца за поставување и одржување на компјутерски мрежи, интернет комуникации, сервисирање на информатичка опрема, инсталации на софтвер, обука и поддршка на корисници.