FDU Logo
1969 50 2019

Факултет за Драмски Уметности - Скопје

Faculty of Dramatic Arts - Skopje

ФДУ - Скопје

FDA - Skopje


За Академска Сцена

Додека на повеќето факултети на испит „мува да прелета ќе се слушне“, студентите од Факултетот за Драмски уметности испитите ги полагаат пред полна сала и громогласни аплаузи. Академска сцена е буквално сцена на која се полагаат испити, се држат вежби, се раѓаат нови идеи, се создаваат генијални дела. Место каде што едни студенти се навикнуваат да бидат професионалци, а други да бидат публика.

Академската сцена е дел од Факултетот за драмски уметности. Основната цел е да поттикне и овозможи развој на студентското културно и уметничко творештво, преку негова сценска промоција и афирмација.

На академската сцена можат да се видат претстави (испити), филмови (испити), драмски читања (испити) и се што работат студентите на Факултетот за драмски уметности.

Новата сезона на Академска сцена свечено беше отворена на 6ти октомври со прикажување на дела на студенти од повеќе отсеци на факултетот. Се започна со „1 час комедија“, приказ на кратки филмови на студентите од отсекот за монтажа. Потоа настап со својот испит од трета година „Оркестар ББ“ имаа веќе дипломираните студенти. „Оркестар ББ“ е претстава која има добиено две награди и тоа за најдобар перформанс од публика и најдобар перформанс од жири, на фестивалот во Белград ФИСТ ’06 кој е втор светски студентски театраски фестивал. Оваа претстава предизвика огромна заинтересираност и импресивни реакции кај публиката и брои вкупно 50 изведби. Креативците од Драмскиот факултет не би биле толку успешни ако не се секогаш посебни и духовиие, па после отварањето на новата сезона во бифето организраа мала забава на која се консумираа коктели со имињата на професорите од факултетот. За вкусовите ќе дискутираме во некое следно издание.

Веднаш после свеченото отварање, на 7ми октомври, пред публиката беше претставен материјал од испитот по актерска игра на студентите од 1992 во класата на проф. Љубиша Ѓорѓиевски. Овој дел од репертоарот се нарекува „Театарски Флешбек“ кој студентите го користат да прикажат снимени театрски испити со кои дипломирале некогаш успешните студенти, а сега веќе успешни актери, сценаристи, режисери. Во публиката често може да се видат учесниците и создателите на овие претстави како Александра Бошковска, Роберт Велјановски, Ристо Гоговски итн.

На 8ми октомври следеше вториот „Филмски Флешбек“ кога беа прикажани неколку филмови на некогашни студенти на Факултетот за Драмски уметности, а денес познати режисери, сценаристи, монтажери во земјава но и надвор. Дел од документарните филмови кои публиката имаше можност да ги види се „Поштари“, „Мишо“, „Што ли беше“ итн.

Репертоарот продолжува да се прикажува на 13ти октомври кога беа прикажани битовите драми „Антица“ на младата и амбициозна студентка по театраска режија Драгана Стојчевска и „Чест“ на уште еден млад иден режисер Ангелчо Илиевски.

Академска сцена не ги изостави ниту најмладите студенти, бруцошите, па нивна вечер беше 14ти октомври кога беше прикажан еден од најиграните испити „Случајот П“. Тоа е испит по актерска од 2004 година на проф. Владо Цветановски и доц. Мими Таневска. Публиката гласна, атмосферата жешка, вибрациите позитивни. Најгласни некогашните студенти, а сегашни докажани професионалци Жаклина Петровска, Зорица Стојановска, Јелена Јованова и Ивица Димитриевиќ.

На 15ти октомври наместо најавениот филмски флешбек следеше хорор филмот „Еден“ и трилер филмовите на група монтажери. Ако публиката се стрес еод хоророт, потоа се прсемеа од ЕПП-то помеѓу секој филм.

Млади, амбициозни и успешни креативци кои храбро газат на нивната сцена. Таму се свои, таму се успешни и најдобри. Секој четврток, петок и сабота можете бесплатно да аплаудирате, да се смеете, да мислите, да разговарате и да разменувате идеи.

Бидете добра публика и инспирирајте се од нивниот ентузијазам, а тие нека се мотивираат од вашите аплаузи.

Влезот е бесплатен, Ваше е да дојдете и да се наполните со позитивна енергија.

Академска сцена ве очекува! Задоволството е загарантирано!